Работилница за деца за дизајн на видео игри и основи за креирање видео игри ќе се одржи денеска (8 јуни) и утре (9 јуни) во Домот на културата „Крсте Петков Мисирков“ во Свети Николе и во НУЦК „Никола Јонков Вапцаров“ во Делчево во рамките на проектот Видео игротека во организација на УМПАКИ Скопје. Работилницата е наменета за деца од 7мо до 9то одделение. Идејата е децата да се запознааат со концептите поврзани со дизајнирање на видео игри на забавен и лесно разбирлив начин.
Исто така, утре на 9ти јуни, во соработка со Go Green во Центарот за култура „Никола Јонков Вапцаров“ во Делчево ќе се одржи и предавање за заштита на животната средина за намалување, реупотреба и селекција на отпад. Во рамките на предавањето ќе биде претставена еко-иновацијата – мобилна станица за селекција со соларни панели кои ја создаваат струјата потребна за проекцијата на филмот. После предавањето ќе се прикаже филмот „Патешествието на принцот“.
Проектот ќе продолжи со реализација и во наредните денови, со проекции на филмови во неколку градови, а ќе трае се до 13ти јуни кога ќе бидат прогласени и победниците за најдобар концепт за видео игра. На 10 јуни во Гостивар ќе се прикажат филмовите „Хакер” синхронизиран на албански јазик, и „Патешествието на принцот“ со превод на албански. Истиот филм синхронизиран на македонски ќе биде прикажан во Свети Николе и во Неготино на 13 јуни. Во Неготино ќе биде прикажан и филмот за деца “Патешествието на принцот”.
Настаните се дел од проектот „Видеоигротека“, кој се реализира со поддршка од Министерството за култура и Делегацијата на ЕУ.