Skip to content

ВИДЕО ИГРОТЕКА 2024

Работилница и предавање за дизајн на игри утре во Скопје

Работилница и предавање за деца за дизајн на игри и основи на креирање видео игри ќе се одржат утре (13 јуни 2024 год) со почеток од 16 часот, во просториите на Base 42 во Скопје во рамките на проектот „Видео игротека“. Работилницата и предавањето се наменети за деца од 6 до 14 годишна возраст. Идејата е дa се разбуди детската фантазија за децата да истражуваат и да увидат дека можат да ги развиваат своите идеи во реални проекти.


Предавањето и работилницата ќе ги води Дарио Стојанов – ко-основач на Codelii и ко-основач и директор на  Нобел Курсеви Македонија, иновативно училиште за креирање на видеоигри. Дарио од рана возраст има освоено разни награди на национално и меѓународно ниво во сферата на програмирање, роботика и социјални иновации. Еден од проектите кој може да се истакне е SpeakOut by Andrometa мобилна апликација за ментално здравје наменета за адолесценти, која освои прво место на глобалниот натпревар поддржан од УНИЦЕФ. Во рамките на проектот „Видео игротека“ ќе се реализира и кинопрограма со проекција на неколку филмови се деца. На 15 јуни во Кинотека на Северна Македонија и киното „Милениум“, ќе се одржи проекција на детскиот германски филм „Младиот Винету и изгубените биволи“ синхронизиран на македонски јазик. Уште една специјална проекција е закажана за 29 јуни на детскиот германски филм – „Луси гангстерката“, синхронизиран на македонски јазик во Кинотека.

Проектот „Видео игротека“ е во организација на Унијата на македонски професионални асоцијации во креативните индустрии УМПАКИ Скопје, во соработка со Асоцијацијата на македонската индустрија за видео игри  – МГИ Скопје, а е поддржан од Министерството за култура на Р.С Македонија.

mk_MKMacedonian