Skip to content

Платформа за учење на лица со физичка попреченост победи на „Креативниот бизнис куп“

  • by

Best Online Assistant победи на натпреварот за креативни индустрии „Креативен бизнис куп Северна Македонија 2022“ што се одржа минатата недела во просториите на ФИНКИ, а го организираше СмартАп – Лабораторијата за социјални иновации и УМПАКИ – Унијата на македонски асоцијации во креативните индустрии. Шесте финалисти беа: Ambrosia, InfoBiro, Best Online Assistant, Bio Oil Organic Food, Med-Rep Group и Sara Simoska Arhitektura.

Со поддршка од Creative Business Network (CBN), натпреварот се одржува во над 70 земји од светот и како таков „Креативниот бизнис куп“ претставува единствена можност за македонските стартап компании да ја презентираат својата бизнис идеја пред жири составено од домашни и странски експерти, инвеститори и претприемачи. Best Online Assistant е платформа за едукација и професионален развој за лица со физичка попреченост, која им нуди едукација во областа на совладување дигитални вештини, која потоа преку B2B и B2C бизнис моделите нуди можности за работа од далечина/фриленс и работа со полно работно време.

Како победник на „Креативниот бизнис куп“, Best Online Assistant ќе бидат наши претставници на глобалното финале во рамките на BRIGHT конференцијата кое ќе се одржи во Копенхаген, Данска, од 27 до 28 јуни. Победникот добива и учество на Глобалната академија која се одржува во склоп на Глобалното финале од 3-24 јуни.

– Пред две години учествував на изложба организирана од Обединетите нации и на нашиот штанд дојдоа многу луѓе, а секој втор посетител беше корисник на инвалидска количка. Тогаш се разбудив и добив идеја за обучување на лицата со попреченост за дигитални вештини. На крајот на денот на еден дигитален работник не му е потребно ништо повеќе од столче, компјутер желба за учење и време, а лицата со физичка попреченост го имаат сето тоа – изјави Елизабета Јовановска, победичка и основач на Best Online Assistant.

Второто место го освои Med-Rep Group – глобална SaaS платформа за комуникација и менаџирање на секоја фаза од промоцијата и продажбата на лекови и медицинска опрема меѓу сите засегнати страни на медицинскиот пазар, за подобрена комуникација, едукација и промоција. Третото место го освои Сара Симоска – Архитектура со нејзиниот концепт на Movable Furnitures – мебел со модерен дизајн што лесно се вклопува во просторот и е повеќенаменски.

Жирито беше составена од четворица експерти од различни области: Игор Маџов, ко-основач и претседател на Стартап Македонија, Крсто Златков, ко-основач на „Скала“, Ежени Брзовска, професорка на Економскиот факултет при УКИМ и Амир Есмаеилакхтар, коосновач на неколку стартапи, тренер и ментор на стартап бизниси.

This image has an empty alt attribute; its file name is 283581251_3070153753201859_6041966154115603790_n.jpg
mk_MKMacedonian